
Премиерот Никола Груевски, кој заедно со министерот за здравство Никола Тодоров ја посети Клиниката за детска хирургија, изјави дека станува збор за многу значаен проект за Македонија, нов момент во јавното здравство, бидејќи досега не се вршеа кардиохируршки операции на деца и на бебиња.
Веќе имаат шест успешно завршени операции, некои од бебињата имаат неколку месеци. Истовремено овој тим обучува група наши лекари. Тимот ќе доаѓа секои три месеци во наредните три години. Очекуваме дека во тој период ќе се заврши обуката на нашите лекари и потоа ќе продолжат самостојно да ги извршуваат операциите. Практично најголем дел од потребите на Македонија на мали деца и на бебиња ќе биде извршен од овој тим. Само ургентните случаи во меѓувреме додека тимот не е тука, ќе бидат испраќани како и досега во странство.
Министерот Тодоров, истакна дека Меѓународната фондација на детско срце за своја мисија има да развива неонатална кардиохирургија во повеќе земји во светот.
Во рамки на таа нивна мисија склучивме договор со Меѓународната фондација на детско срце во наредните три години четири пати годишно тимови да доаѓаат во Македонија, да бидат тука по две недели, ќе изведуваат кардиохируршки интервенции и паралелно ќе едуцираат наши доктори. Идејата е после овој период од три години да изградиме капацитети во македонското јавно здравство за самостојно да вршиме неонатални кардиохируршки интервенции, посочи Тодоров.
Доктор Владимир Чадиковски, кој е дел од тимот рече дека неонаталната кардиохирургија претставува врвот во хирургијата. За директорот на Клиниката за детска хирургија Ристо Симеонов хируршкиот третман и интензивната нега и лекување се одвиваат на Клиниката за детска хирургија каде што имаат комплетно опремена хируршка операциона сала и интензивна нега со најсовремена опрема.