Според најавата на метео-алармот од Управата за хидрометеоролошки работи, во текот на утрешниот ден (вторник) поголем дел од територијата на државата и натаму ќе биде зафатен од жолта, односно алертна фаза, освен во два региона, како што се осоговско–малешевскиот и охридско–преспанскиот регион, каде се предвидува топлотен бран од портокалова фаза, со температури од 36 степени Целзиусови, кои се повисоки од вообичаените за овој период од годината за овие два региона. Најавата од УХМР се однесува на утрешниот ден, бидејќи од среда (31.07.) се очекува мало намалување на температурите во целата држава.
Согласно Акцискиот план за заштита од топлотни бранови, поради најавените високи температури, зголемена влажност и зголемено УВ зрачење на територија на цела држава, со цел заштита на здравјето на ранливите групи на населението, Министерството за здравство ги дава следните препораки кои се однесуваат на цела држава:
1. Се препорачува во текот на утрешниот ден (вторник) да се ослободат од работни обврски бремените жени и лицата постари од 60 години.
2. Се препорачува на работодавците во овие денови да го реорганизираат работното време за градежните работници и лицата кои работат на отворено со тоа што ќе се одбегнуваат активности во периодот од 11 до 17 часот.
3. Се препорачува на установите за згрижување на децата (градинки) да не практикуваат физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
4. Се препорачува на единиците на локална самоуправа, Црвен крст на Република Македонија и Центрите за социјални работи, поактивен пристап и помош на постари, изнемоштени лица и бездомници.
Согласно Акцискиот план за заштита од топлотни бранови за целата држава остануваат да важат општите препораки за намалување на ризици врз здравјето од дејството на топлотниот бран:
1. Во текот на ваквите екстремно топли денови, останете повеќе во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.
2. Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце носете заштитни очила и капа (светлите бои ја рефлектираат светлината), а при сончање да се користи крема со висок заштитен фактор.
3. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна.
4. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци.
5. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри.
6. Хроничните болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.
Поради високите темепратури и зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања, препораките се :
Ø задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба.
Ø Термичка подготовка на храната и нејзино конзумирање во многу кус рок по подготовката. Ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на + 8 степени, а пред употребата истата да се загрее на + 100 степени.
Ø Да се избегнуваат производи кои термички не се обработени како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се конзумира сладолед и разни кремови.
Информации за топлотните бранови континуирано се дистрибуираат на интернет страната www.toplotnibranovi.mk, а граѓаните дополнителни инфорации може да добијат и на БЕСПЛАТНИОТ ТЕЛЕФОН на Црвениот Крст на РМ – 02/ 32 21 902 (од 10-18 часот).