Quantcast
Channel: Министерство за Здравство
Viewing all articles
Browse latest Browse all 597

Почна процедурата за преземање на првите 45 специјалисти од јавно во приватно здравство

$
0
0
Скопје, 27 јули 2013 - Министерството за здравство почна процедура за преземање 45 доктори-специјалисти од приватно во јавно здравство кои се јавија на првиот оглас на Министерството од вкупно пријавените 103 лекари-специјалисти. Постапката за нивно преземање за поголем број од нив е завршена, обезбедени се согласности и потпишани се договорите. Тие почнуваат со работа од 1 август.
На денешната прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров информираше дека станува збор за првата група доктори-специјалисти кои ќе бидат преземени од приватни во јавни здравствени установи.
Од понеделник, Министерството за здравство ќе објави уште еден оглас, втор по ред, за преземање доктори специјалисти од приватно во јавното здравство. Огласот ќе трае 30 дена.
- Ова е нова мерка која ја предвидовме со последните измени на Законот за здравствена заштита со која овозможивме доктори кои работат во приватно здравство да бидат преземени во јавното здравство. Како резултат на ова објавивме оглас на кој се пријавија 103 доктори специјалисти кои изразија подготвеност да се префрлат од приватно во јавното здравство. Бенефитот од оваа мерка за преземање е тоа што се вработува готов кадар, специјалисти кои имаат искуство и знаење и веднаш може да се вклучат во редовната работа на здравствените установи каде што се преземаат, посочи Тодоров.
Подолг период во Македонија се чувствуваше недостиг на кадар, на лекари и специјалисти пред се, имајќи го предвид тоа што во последниот период од повеќе години имаше тотално дезинвестирање во човечкиот потенцијал и целосно беше замрено или запоставено вработувањето на новите лекари. Ова сега првпат е спротивен процес во кој од приватно здравство доктори специјалисти се враќаат во јавното здравство.
Со тоа ќе се овозможи и воведување двосменско работење на специјалистичките служби и можност за обезбедување на 24-часовна здравствена заштита, земајќи предвид дека со постојниот начин на упатување поголем дел од пациентите се упатуваат на секундарно ниво и главниот товар го носат специјалистите од Здравствениот дом во Скопје и Градската општа болница „8 Септември“, како и од општите и специјалните болници.
Поголем дел од овие доктори специјалисти веќе работеле во јавното здравство, од него преминале во приватното здравство, а сега пројавуваат интерес да се вратат во јавното здравство.
Еден од пријавените кандидати е професор невролог со повеќегодишно искуство кој претходно работел на Клиниката за неврологија и кој веднаш може да се вклучи во работата со пациенти како и во едукација на младите кадри во оваа ЈЗУ. Интерес да работи во јавното здравство покажа и доктор радиодијагностичар со 28-годишно работно искуство кој го градел не само Македонија, туку и во странство. Меѓу пријавените има и хирурзи и интернисти кои својата специјализација ја имаат стекнато во еминентни центри во регионот и во странство. Станува збор за доктори со повеќегодишно искуство кои можат соодветно да одговорат на потребите на секундарното здравство.
Поконкретно во рамки на првата група се влезени 10 интернисти, осум радиолози, пет педијатри, пет оториноларинголози, тројца хирурзи, тројца офталмолози, тројца невропсихијатри, тројца невролози, еден специјалист по медицинска биохемија, двајца специјалисти по физикална медицина, еден дерматовенеролог и еден специјалист по медицина на труд. Најголем број од нив се распределени во Здравствен дом-Скопје – 13 специјалисти и тоа пет интернисти, торјца доктори за уво, нос и грло, двајца педијатри и по еден невропсихијатар, радиолог и офталмолог, како и во Градската општа болница „8 Септември“, каде се прераспределени 11 специјалисти, и тоа: пет специјалисти по радиодијагностика, двајца оториноларинголози и по еден интернист, офталмолог, невролог и специјалист по трудова медицина.
Останатите специјалисти се распределени во повеќе ЈЗУ, како што се: клиниката за неврологија, гинекологија-Чаир, Институт за јавно здравје, Завод за физикална медицина, Геронтолошки завод, Клиничка болница Битола, во општите болница Гостивар, Кочани, Струмица, Гевгелија, Прилеп, Кавадарци, како и во здравствените домови во Делчево, Виница, Вевчани и Здравствена станица-Железара.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа што ги привлекува докторите од приватно здравство да работат во јавното здравство, министерот Тодоров укажа на  условите и околностите кои ги креирале во последниот период како што се нова и најсовремена медицинска опрема, реконструкција на поголем број јавни здравствени установи, обуки и едукации во странство.
Директорката на Здравствен дом-Скопје, Тања Баевска Вучковиќ рече дека станува збор за активност која првпат се бележи во здравствениот систем.
Здравствениот дом-Скопје како најголема јавна здравствена установа, обезбедува 24 часовна континуирана, квалитетна здравствена заштита на територијата на град Скопје и околината.

Viewing all articles
Browse latest Browse all 597