Скопје, 23 јули 2013 - Министерот за здравство Никола Тодоров денеска присуствуваше на отворањето на здравствениот пункт во Стар Дојран што е лоциран во дојранската амбуланта која работи во состав на Здравствениот дом од Гевгелија.
Здравствениот пункт постојано ќе обезбедува здравствена заштита за жителите на општина Дојран и за сите туристи почнувајќи од денеска па до 15-ти септември, односно дозавршувањето на туристичката сезона. Потоа,пунктот ќе работи како брза помош која во текот на целата година ќе обезбедува континуирана здравствена заштита.
За остварување на таа цел наскоро Министерството за здравство ќе распише конкурс за вработување доктори и медицински сестри, додека во летната сезона работата на здравствениот пункт ќе ја покриваат медицински екипи од Гевгелија, Струмица и Валандово.
Градоначалникот на Дојран Борче Стамов, изрази благодарност до Министерството за здравство и здравствените установи од Гевгелија, Струмица и Валандово за пружената помош и истакна дека ова е еден од условите Дојран да биде туристички центар преку цела година и полесно во текот на летната сезона да остварува до 100.000 ноќевања кои се зацртани како таргет на општината.