Скопје, 21 јули 2013 – Електронскиот систем за закажување здравствени прегледи „Мој термин“ постојано се надградува и се воведуваат новини во интерес на пациентите. Меѓу нив e и обезбедувањето дополнителен број слободни термини за прием на пациенти на секундарно и терциерно ниво, рече на денешната прес-конференција Милан Аризанкоски, одговорен за електронскиот здравствен систем „Мој термин. Дополнителни термини за прием на пациенти за преглед и дијагностички процедури се креирани на секундарно и на терциерно здравствено ниво. Бројот на креираните термини на секундарно ниво пред десет дена изнесувал 226.422 термини за јули и 103.996 за август, додека со проширувањето на термините, за јули нивниот број достигна 240.000, а за август се обезбедени 140.000 слободни термини. Бројот на креирани слободни термини на терциерно ниво е зголемен за 20 отсто односно за нови 6.000 термини. Исто така, формирана е посебна Проектна единица за национален систем за електрински евиденции во здрваството. Главни задачи на единицата се постојан мониторинг на практичната примена и имплементација на проектот „Мој термин“ во сите здравствени установи, мониторинг на цела хардверска инфраструктура и интернет конекција каде се поставени серверите на националниот систем, мониторинг, тестирање и сертификација на сите софтверски решенија што се актуелни во примарно, секундарно и терциерно здравствено ниво, кои се интегрирани со националниот систем „Мој термин“ и техничка и корисничка поддршка за сите програмерски куќи кои се интергрирани со Министерството. Меѓу другото Проектната единица ќе ја опслужува и ќе биде поддршка за здравствените работници и пациентите на бесплатниот телефонски број (02)15 444. Новини има и во поглед на контролните прегледи на пациентите. Контролниот преглед ќе го закажува специјалистот што го прегледува пациентот. Доколку контролниот преглед е по 30 дена и има потреба од нов упат, специјалитот на го резервира потребниот термин и му го печати упатот на пациентот, кој пак треба да го завери кај матичниот лекар. За итните случаи нема потреба од упат. Министерството за здравство има подготвено осум посебни процедури за постапување во карактеристични случаи поврзани со „Мој термин“ кои ќе се применуваат во различни здравствени установи. Во јули се креирани 94.377 електронски упати, во јуни 98.925, во мај 53.801, додека како што информираше Аризанкоски во април тој број изнесувал 8.342 електронски упати. Просечната бројка на креирање електронски упати во јули е 6.300 дневно, а во април била 380. Во однос на електронските рецепти овој месец се креирани 683.336 рецепти, а дневно се издаваат 46.000 рецепти. Во јуни биле креирани 269.043 електронски рецепти, а дневно во просек 13.452 рецепти. Ова, според него, покажува масовно користење на националниот систем „Мој термин“.
↧