1. Како ја оценувате 2013 година за здравството во Република Македонија?
Факт е дека оваа година имаме спроведено многу проекти, многу реформи, имаме започнато работи кои веројатно порано и не можеле да се замислат, на пример од типот на неонатална кардиохирургија, гасификацијата на Клиничкиот центар, „рурален доктор“, „дисперзирана клиника“, „Мој термин“, но остануваат уште многу работи кои треба да се подобрат и на кои мораме да бидеме фокусирани во наредниот период.
Има многу работа во здравството, област која не можеш да кажеш дека комплетно си ја средил. Не постои таков здравствен систем, земете го швајцарскиот, францускиот, германскиот, канадскиот, сингапурскиот или хонгконгшкиот здравствен систем, тоа се најдобро организираните здравствени системи во светот, но сепак имаат проблеми, имаат предизвици кои мора да ги решаваат на дневна, неделна или на годишна основа. Во здравството има многу работа и ќе има уште многу работа. На нас е да не застанеме со проектите, да најавуваме, да имплементираме и да се грижиме добро да се спроведуваат.
2. Имајќи ја предвид Вашата заложба за унапредување на условите за работа на докторите што значи поквалитетни здравствени услуги и позадоволни пациенти, како се одвиваат активностите околу изградбата на новиот клинички комплекс „Мајка Терза“ и како се одвива реализацијата на проектот за реконструкција и доградба на болнците низ државата?
Во овој дел го имаме веројатно најголемиот инвестициски циклус во здравствената инфраструктура во Македонија. Во 2013 година беа започнати и завршени или во тек се проекти вкупно 48, во вкупна вредност од околу милијарда и 480 милиони денари, што само по себе претставува еден показател дека Владата има сериозен фокус ставено на изградбата и реконструкцијата на здравствената инфраструктура. Покрај тоа оваа година многу активно и многу напорно работевме на два огромни капитални проекти во здравството - Клиничкиот центар во Скопје и Клиничката болница во Штип. И во едниот и во другиот случај проектите се во многу напредна фаза, говорам за изработка на основните проекти, ревизија и проекти кои се однесуваат во фазите електрика, машинство итн. Очекувам многу скоро да најавиме дека се објавени и тендерите за изградба. Тие ќе бидат објавени од страна на Банката на Советот на Европа, тоа е процедурата, сепак станува збор за една инвестиција од околу 100 милиони евра. Почетокот на изградбата ќе зависи од динамиката што ќе ја утврди Банката на Советот на Европа за тендерските процедури имајќи предвид дека во овој случај не се применуваат тендерските процедури на националното законодавство односно не се применува Законот за јавни набавки во Република Македонија и не важат тие рокови. Ќе важат рокови кои ги определува Банката на СЕ кои се веројатно подолги од роковите кои важат во Република Македонија. Ќе се оди со тендер во две фази-првиот е фаза на пријавување или селекција на фирми, а вториот е доставување на понуди и тоа е процедура која ја преферира Банката на СЕ и во рамки на која ќе се склучи договор за градба и на Клиничкиот центар во Скопје и на Клиничката болница во Штип.
Оваа година работевме на реконструкција или на изградба на огромен број на здравствени установи. На пример болницата во Козле одлично напредува. Во септември 2012 година ја почнавме изградбата, очекуваме септември 2014 година да се заврши и тоа е рокот кој е предвиден во договорот, а гледам дека оди целосно согласно предвидената динамика. Тоа е исто една можеби не толку капитална инвестиција како што се Клиничката болница во Штип и Клиничкиот центар во Скопје, меѓутоа претставува многу значајна инвестиција на секундарно ниво имајќи предвид дека сакаме таа да биде не само Детска болница за белодробни заболувања, туку педијатриска болница на секундарно ниво и на тој начин ќе се растерети терцијарното здравство односно Клиниката за педијатрија во Скопје која ќе може да биде фокусирана на многу посложени случаи.
Проектот за Клиничката болница во Штип е во малку понапредна фаза од проектот за Клиничкиот центар во Скопје. Тоа е нормално и очекувано затоа што Клиничкиот центар во Скопје не само што е огромен проект по обем на финансии, туку е веројатно и по сложеност еден од најголемите проекти затоа што немало досега искуство во Македонија со проектирање или изградба на ваков тип сложени објекти од терцијарно здравство. Во Штип проектот е во добра фаза меѓутоа, како што реков, ќе се следат процедурите на Банката на СЕ и во зависност од тоа кои рокови ќе ги определи таа, во тој рок и ќе се отпочне со градбата, иако ние како Министерство до крајот на јануари комплетно ќе бидеме готови со основниот проект и ќе можеме да добиеме дозвола за градба на почетокот на февруари. Од процедурите на Банката зависи кога ќе заврши тендерот и кога потоа ќе се склучи договорот за градба.
3. Годинава се извршени рекорден број трансплантации на бубрези од жив донор. До каде е постапката за изведување трансплантации и на други органи од жив донор, како и за повторно заживување на кадаверичната трансплантација?
За кадаверичната трансплантација направивме еден сериозен исчекор напред со носење на легислатива која што ќе ни овозможи зголемување на бројот на случаи на кадаверична трансплантација и тоа ќе овозможи практично имплементација на овој метод на трансплантација кој постоел во 1989 година во Македонија. Потоа е сопрена целата работа и оттогаш нема посериозни активности во овој дел. Инаку во делот на трансплантацијата од жив донор, точно е оваа година имаме рекорден број на трансплантации на бубрег, а за наредната година планираме тој број дури да го зголемиме, но што е многу позначајно за мене, е да почнеме и трансплантација на други органи пред се на црн дроб, нешто за што пациентите ги испраќаме во странство. Имаме минимум десетина пациенти годишно кои се упатуваат за таква трансплантација во странство и на тој начин да воведеме уште една многу сериозна здравствена услуга во македонскиот здравствен систем. Планираме тоа да го направиме заедно со еден доктор од Франција кој заедно со цел негов тим ќе дојде, ќе ги врши трансплантациите на црн дроб тука во Република Македонија и ќе обучува на тој начин наши хирурзи. Планираме да почнеме со трансплантација и на возрасни, но и на педијатриски случаи и практично двата сегменти во делот на трансплантација на црн дроб да ги развиеме во Македонија. Очекувам дека истиот концепт кој го имаме за неонатална кардиохирургија и во кој тим од 15 доктори и медицински сестри од САД обучуваат наши лекари и притоа оперираат, кој се покажа за исклучително успешен, ќе биде исто така успешен и во делот на пренесување на знаења и отпочнување, воведување на оваа исклучително сложена метода. Со воведување неонаталната кардиохирургија и воведување на трансплантација на црн дроб, Македонија многу сериозно се издигнува на полето на здравството, имајќи предвид дека се воведуваат многу сложени хируршки интервенции кои почнаа да се работат во јавното здравство во Република Македонија, како и изградбата на ПЕТ Центарот кој придонесува Македонија да се најде во групата земји кои имаат врвно развиена дијагностика.
4. Како се одвива процесот на отворање центри за интервентна кардиологија во повеќе градови низ државата?
Тој процес исто така се одвива добро. Се отвори Центарот во Битола, но тоа е процес на кој инсистираме, меѓутоа не притискаме да се воведе побрзо од тоа што смета тимот доктори предводени од доктор Сашко Кедев, дека може да се воведе. Тие ја воведуваат оваа метода на интервентна кардиологија во повеќе центри. Идејата е да имаме ваква мрежа во Скопје, Битола, Штип, Тетово и во Охрид и на тој начин да имаме добро поставена мрежа на интервентна кардиологија во Македонија. Во Битола почна добро, имаме 160 веројатно и повеќе интервенции извршени самостојно. Сега почнуваме со истиот принцип и во Штип, доаѓа тим од Скопје еднаш во неделата, а некогаш можеби два или три пати месечно во зависност од бројот на пациенти, изведува интервенции и на тој начин ги обучува докторите таму, а докторите претходно се испратени во Скопје и таму се обучувани од страна на доктор Сашко Кедев и докторите кои работат на Клиниката за кардиологија. Идејата ни е да поставиме кредибилен систем кој ќе биде еднаков по квалитет на системот кој функционира во Скопје. Имаме одличен стандард на кардиологија во Скопје и не смееме да дозволиме тој стандард да го нарушиме.
5. Електронскиот систем за закажување прегледи и интервенции „Мој термин“ функционира на цела територија на државата. Дел од пациентите се жалат на непочитување од страна на докторите на закажаниот термин за преглед. Како ќе го решите тоа?
Ова е еден многу уникатен систем кој не е имплементиран досега во Европа за електронско закажување за практично целосно интегриран систем кој е поврзан во реално време, кој ни овозможува еден многу добар преглед на целото здравство, но и овозможува подобро менаџирање на гужвите. Тоа ни беше најзначајно кога тргнавме со овој систем. Тука имаме проблеми на две страни кои ги знаеме уште пред имплементацијата на системот, а тоа е проблем на страната на лекарите и проблем на страната на пациентите. Проблемот на страната на лекарите е доколку лекарот не дојде на закажаниот термин или се одолжи или воопшто не се реализира закажаниот термин. Тоа законски го решивме. Предвидовме во Законот соодветен надомест да му се исплати на пациентот, кој не ја добил здравствената услуга која му била закажана преку електронскиот систем и секој пациент има право тоа да го бара. Јавно апелирам до сите пациенти секогаш кога неоправдано здравствената услуга нема да им биде дадена, а имале закажан термин да си побараат рефундација на трошоци од здравствената установа, која потоа е должна да побара рефундација на тие трошоци од страна на докторот по чија вина е откажан терминот неоправдано. Тоа е овој сегмент на системот кој го имаме решено законски, а вториот сегмент е кога пациентите не доаѓаат на закажаниот термин, тоа е исто крупен проблем. Тука преземавме една мерка за СМС известување кое дава ефекти, 65 проценти од термините беа искористени односно граѓаните доаѓаа на закажаниот термин, а сега дојдовме до 87 проценти, што можеби не е целосно доволно но има сериозен напредок. Очекувам дека во наредниот период овој процент се повеќе и повеќе ќе се зголемува и ќе нема термини кои неоправдано пропаѓаат. Овој систем на среден рок комплетно ќе го промени функционирањето на здравствениот систем од сите аспекти – и од аспект на хоспитална култура, но и од квалитативен аспект, бидејќи докторите секој ден се подготвени за пациентите кои доаѓаат, ги знаат дијагнозите, знаат колку пациенти имаат, може да се подготват, тоа посебно влијае на квалитетот на услугата која ја даваат.
Има појави на доцнење на докторите на закажаниот термин за преглед, меѓутоа ова е систем на функционирање, мислам на здравствениот систем, во кој не може секогаш до минута се да биде испланирано. Секогаш постојат определени компликации, различни случаи – некој е полесен, а некој е потежок. Некогаш постојат итни случаи и докторот мора да реагира, да се качи во сала или некои други причини кои може малку да го одолжат времето. Меѓутоа тоа е многу различно од она што го имавме претходно кога сите пациенти доаѓаа во 8 часот и чекаа додека не бидат прегледани, некој беше прегледан во 8 часот, некој во 10, некој во 12, некој во 13 часот. Сега доаѓаат во точно определено време, можеби ќе почекаат 15, 20, 30 минути, но тоа ќе овозможи прво да се почитува времето на докторот, а второ да се почитува времето и на пациентот. Ова е еден систем кој сериозно треба да помогне да се подигне неколкукратно хоспиталната култура и односите во здравството, и почитувањето на времето на докторот и почитувањето на времето на пациентот. Ова е еден систем кој нуди можности кои се на многу високо културолошко ниво и дополнително ќе го подигне тоа културолошко ниво, особено во делот на здравството, но мислам малку и пошироко.
6. Како се одвива и каков е ефектот од проектот „дисперзирана клиника“ преку кој еминентни доктори од Скопје и Охрид даваат здравствени услуги на пациентите низ клиничките и општите болници во останатите градови во државата?
Ова е одличен проект кој не само што пренесува знаења на докторите во општите болници и регионалните центри, туку и директно помага на граѓаните кои живеат во областа која ја покриваат овие болници. Досега имаме околу 160 доктори кои оствариле посети во рамки на проектот „дисперзирана клиника“ во регионалните центри во државата. Таму работат, прегледуваат пациенти, оперираат и на тој начин го пренесуваат знаењето, но и директно помагаат на пациентите кои дошле дента на преглед. Со овој проект ќе продолжиме и наредната година. Не само што има интерес од страна на граѓаните за овој проект, туку има интерес и од страна на докторите. Така што го оценувам како позитивен проект и ќе го продолжиме наредната година.
7. На седница на Владата го најавивте проектот „рурален доктор“ преку кој тимови од доктор и сестра ќе одат во населени места каде жителите немаат пристап до здравствени услуги од примарно ниво. Кога стартува проектот и што ќе се постигне?
Ова е проект кој околу два и пол месеци го работевме во Министерството, направивме една многу длабинска анализа и констатиравме дека 1.227 населени места не ни се покриени со лекар. Тоа се над 350.000 жители кои немаат пристап до доктор во местото на живеење. Заради тоа одлучивме да поставиме проект кој нема да ги замени матичните лекари, жителите кои живеат на тоа подрачје повторно ќе си одат кај матичните лекари. Руралните доктори нема да им ги земат пациентите, туку ќе функционираат посебно и во точно определен ден во неделата, во точно определено време ќе бидат во населеното место и тоа ќе си го знаат жителите кои живеат во тоа населено место, да можат тогаш да побараат здравствена услуга. Тогаш кога тие ќе бидат таму практично ќе ја вршат истата функција како матичен лекар на жителите кои живеат во тоа населено место без оглед дали имаат некој друг матичен лекар или воопшто немаат матичен лекар или можеби имаат матичен лекар во друга општина. Очекувам дека ова ќе придонесе за сериозно подигнување на достапноста на здравствената заштита, која е една од основните начела на Законот за здравствена заштита и еден од основните цели кон кој се стреми Министерството за здравство, но во исто време е и многу силна јавна здравствена мерка затоа што овие доктори, покрај тоа што ќе имаат функција да лекуваат и да им помагаат на граѓаните, ќе имаат и превентивна функција. Преку нив ќе можеме да ја организираме полесно вакцинацијата, ќе може да се организираат превентивни прегледи, значи еден повисок степен на здравствена заштита кој сериозно го доближуваме до секој граѓанин во државата. Тука проблемот е направен во 2005 година кога е направена приватизацијата и еден поголем дел од овие рурални амбуланти останале напуштени. Луѓето порано си имале лекар во местото каде што живееле, а сега немаат и постојано тоа го бараат, а на матичните лекари не им се исплати да работат таму затоа што има помал број на жители. Секогаш кога пазарот ќе потфрли државата има обврска да реагира и со конкретна мерка да регулира една област. Ова е буквално таква ситуација.
8. Кои се придобивките од последните измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита?
Во Законот за здравствена заштита имаме многу крупни реформи – прво кој може да работи во Клиничкиот центар, нешто што досега не било целосно регулирано или како област било неоправдано запоставено. Тука имаме многу интересни одредби: прво треба да има висок процес, да знае странски јазик, да ги усвои сите методи, има правои обврска да ги пренесува знаењата, да воведува нови методи во други општи болници. За тие што сакаат да бидат раководители на оддели треба да објават труд или да донесат проект, да воведат нова метода на Клиниката, значи едно многу интересно регулирање на односите на највисокото терцијарно ниво на здравствена заштита кои се базирани на светските искуства од највисоко развиените здравствени системи, главно тука ги гледаме искуствата од Германија и од Франција.
Уште еден сегмент од Законот е многу значаен, а тоа е делот за тумор бордовите. Тоа е исто така многу крупна промена. Идејата е за пациентите кои имаат канцер да се формираат посебни таканаречени тумор бордови кои ќе бидат мултидисциплинарни, во кои ќе се разгледува секој посебен случај. Минимум шест лекари од различни области во секоја од десетте специјалности ќе го разгледуваат секој конкретен случај и на тој начин ќе одлучуваат за типот на терапијата што треба да се даде, за текот на лекувањето итн. Ова е модел кој функционира во развиените здравствени системи подолго време - 10 до 15 години и очекувам ова да има многу позитивно влијание и во текот на лекувањето на овие најтешко болни.
9. Кој е бенефитот за пациентите од проектот на Министерството за здравство за континуирана едукација на здравствениот кадар, колку едукации во странство досега се реализирани и колку се планирани за идната година?
Оваа година имавме поставено една огромна бројка од 500 лекари, медицински сестри и техничари да бидат испратени во странство и да бидат едуцирани во најпознатите медицински центри во светот. На почеток можеби ова изгледаше ова премногу амбициозно, но на крај ја завршивме годината со точно 501 доктор, медицински сестри и техничари кои се испратени на едукација и најголем дел се вратени од едукацијата. За наредната година таргетот повторно ни е 500 доктори, медицински сестри и техничари да бидат испратени на едукација во странство. Наредната година за трипати ќе го зголемиме бројот на доктори од странство кои ќе дојдат во Македонија. Оваа година во Македонија дојдоа над 30 доктори од странство, без тука да ги вклучиме делот на докторите за неонатална кардиохирургија. Наредната година планираме да дојдат 100 доктори од странство во Македонија.
Покрај проектите за здравствената инфраструктура и за набавка на новата опрема, ова е веројатно една од трите најголеми и најклучни реформи кои се направени во македонскиот здравствен систем. Очекувам дека влијанието на овој проект за едукација во странство ќе се почувствува многу брзо веројатно за една или две години од сега, кога веќе ќе имаме околу 1.000 до 1.500 луѓе кои биле едуцирани во странство и околу 1.000 луѓе да бидат едуцирани во Македонија. Комплетно ќе се смени пристапот не само во лекувањето и воведувањето нови методи, туку и пристапот кон пациентите затоа што со испраќањето доктори во странство практично се влијае и на начинот на размислување, на организациската култура, начинот на поставување на работите, односот кон обврските и пациентите итн. Тие позитивни искуства кои се исто така значајни очекувам да бидат пренесени во Македонија и прифатени како дел од генералната организациска или хоспитална култура во државата.
10. Врвни американски доктори престојуваат во јавните здравствени установи во Македонија со цел подигнување на квалитетот на здравствениот систем. Дали сте задоволен од досегашната реализација на обуките на македонските специјалисти и каква е примената на новите методи во работењето на ЈЗУ?
Задоволен сум многу од овој проект за доаѓање на американски доктори во Македонија кои не само што пренесуваат знаења, вештини, туку и даваат извештај и свое видување за состојбата во соодветната област. Тоа е од исклучително големо значење за мене и Министерството за здравство, затоа што врз основа на нивното видување и нивната анализа или евалуација на состојбите можеме да креираме нови политики и подобрување во секоја област. Истото ова ќе продолжи и наредната година со уште трипати поголема динамика и ќе имаме повеќе промени или реформи во овој сегмент кои ќе бидат имплементација на препораки од доктори кои работат во врвни центри. На тој начин не само што се едуцираат докторите тука и се обучуваат за определени вештини и не само што делуваат како едукатори, туку тие на еден начин делуваат и како советници на македонскиот здравствен систем. Заедно со сите нив практично ние го поставуваме новиот концепт на функционирање на целиот здравствен систем.
11. Каков здравствен систем ќе имаат пациентите во 2014 година?
Пациентите во 2014 година ќе имаат здравствен систем каков што сите ние ќе изградиме. Здравствениот систем не зависи само од здравствените власти ниту само од докторите, ниту зависи само од пациентите, зависи од сите овие чинители. Дали ќе имаме добар здравствен систем зависи од тоа дали докторот ќе го почитува закажаниот термин и дали пациентот ќе дојде на закажаниот термин, дали докторот кој што ќе биде испратен на едукација ќе ги усвои тие методи и ќе почне да ги применува во Македонија, дали тие методи што ќе ги применува во Македонија ќе ги пренесе и на други негови колеги, дали ќе се воведат нови методи во регионалните центри во Македонија и на тој начин да се зајакнат истите и на некој начин да се ограничи притисокот на Скопје од сите регионални центри.
Еден од врвните приоритети на Министерството за здравство остануваат обуките и во тој дел ќе бидеме и натаму силно фокусирани. Идната година покрај обуката на лекарите од секундарно и терцијарно ниво ќе бидеме малку повеќе фокусирани на едукација на лекарите на примарно ниво, на матичните лекари. Оваа година сработивме еден огромен проект за носење на упатства за околу 800 болести во Македонија кои ги преземавме според медицина базирана на докази.
Битно е дека здравството и наредната година ќе остане во силен фокус на Владата на Република Македонија. Буџетот на здравство континуирано расте, тој растеше и во услови на криза и тоа е нешто од што не отстапивме и покрај сите тешкотии и проблеми. Очекувам оваа фокусираност на здравството на еден среден рок да даде многу позитивни ефекти и една многу крупна трансформација. Интересно е во здравството што трансформациите се забележуваат, но потоа се прифаќаат како нормална работа, како веќе стекнато право. Тоа е и наша цел, да се прават промени, реформи и да се грижиме тие реално да се спроведуваат. Идната година стартува примената на Законот за медициските студии и континуирана медицинска едукација во делот на медицинските студии. Очекувам тоа да направи сериозна промена на целиот здравствен систем меѓутоа тоа е на долг рок. Некои од мерките кои се преземаат ќе дадат ефект веројатно за месец, некои за шест месеци, меѓутоа некои за пет години или десет години, тоа е здравството.
12. Каде ќе ја пречекате Новата 2014 година?
Новата 2014 година ќе ја пречекам дома со семејството и со пријателите.