Делегација од Министерството за здравство, предводена од заменик министерот за здравство, Јовица Андовски, од вчера престојува во дводневна работна посета на Министерството за здравство во Берлин, Германија. Во рамки на делегацијата учествуваат и директорот на Институтот за јавно здравје, д-р Шабан Мемети, д-р Јованка Костовска, раководител на сектор во МЗ, д-р Михаил Кочубовски, раководител на сектор во ИЈЗ, д-р Жарко Караџовски, началник на оддел во ИЈЗ, како и Маргарита Спасеновска од Канцеларијата на СЗО во Скопје.
Посетата е организирана со цел размена на искуства меѓу Македонија и Германија, како земја членка на Европска Унија која има големо искуство и капацитети посветени за имплементација на одредбите од Меѓународниот здравствен правилник (МЗП). Во рамки на посетата одржан е состанок на кој беа разменети информации за структурата за известување при појава на одредени јавно-здравствени ризик-фактори од меѓународно значење до СЗО,согласно Меѓународниот здравствен правилник. Како јавно-здравствен ризик фактор од
меѓународно значење се подразбираат биолошките, хемиските и радиолошките здравствени ризици. Македонската делегација информираше дека се работи на изготвување Акциски план за развој и имплементација на протоколи, зајакнување на лабораториските капацитети, со посебен акцент на интерсекторскиот пристап, посебно при инциденти со јонизирачко зрачење и беа презентирани хемиските и радиолошките ризици од меѓународно значење, како и биолошките ризици и начинот на известување до
СЗО, согласно Меѓународниот здравствен правилник. Од страна на германското министерството за здравство, пак, беа презентирани нивните искуства и предизвици во спроведувањето на овој Правилник, при што беше информирано дека годинава е донесен Закон за имплементација на меѓународниот здравствен правилник, со цел координација на постојните институции и претставува чадор-регулатива за другите закони за координирање на известувањата од другите релевантни министерства и институции до СЗО.