Студенти, постдипломци и докторанти од Медицинскиот факултет во Штип ќе се едуцираат по новата наставна програма на англиски јазик договорена денеска со јапонската болница „Токуда“.
Програмата чија реализација денеска во Софија ја парафираа министерот за здравство Никола Тодоров, ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ Саша Митрев и директорот на „Токуда“ Јавор Дренски, предвидува и полагање специјалистички испити за нашите лекари.
- Со денешното потпишување на трилатералниот Меморандум отвораме ново поглавје во соработката кое на нашите студенти и лекари од сите области ќе им овозможи да стекнат многу висок степен на знаење и вештини, изјави министерот Тодоров.
Според ректорот Митрев, соработката со „Токуда“ е огромна привилегија за студентите на штипскиот Универзитет.
- Согласно програмата, наставата ќе ја изведуваат еминентни бугарски професори вработени во болницата каде, пак, нашите студенти ќе се обучуваат практично, ќе се запознаат со најновите современи медицински методи, истакна Митрев.
Мисијата на „Токуда“, како што напомена директорот Дренски, е да им се обезбеди максимално квалитетно згрижување и лекување на сите пациенти, но и да се сподели знаењето со што повеќе колеги особено од регионот.
„Токуда“ има 290 болници во Јапонија од кои 66 се клинички центри. Низ нив годишно минуваат околу осум милиони пациенти. Првата „Токуда“ болница отворена надвор од Јапонија е оваа во Софија со која Македонија веќе соработува. Над 50 лекари поминале или моментно се на пракса во најразлични области од медицината.
Новата наставна програма на англиски јазик ќе биде акредитирана во следните четири до шест месеци, по што се очекува да стартува и нејзината конкретна реализација.