Ставањето во функција на новиот дигитален мамограф во Клиничката болница во Штип е од големо значење за пациентите од источниот регион, изјави министерот за здравство Никола Тодоров, при посетата на оваа јавна здравствена установа.
Посочи дека новиот дигитален мамограф, кој чини шест милиони денари и е сместен на Одделението за рендгенологија, го заменува стариот аналоген мамограф.
„Прегледите на мамографот веќе се ставени во рамките на „МојТермин“ и има три термини во неделата, а два термина се за скрининг за рак на дојката што го водиме централизирано преку Министерството за здравство. Од она што можам да го констатирам во Штип е дека имаме постојано набавки на нова опрема, а се инвестира и во сите други сегменти. Знаете дека започнавме и со изградба на новата клиничка болница која што ќе ги замени практично овие стари згради и оваа стара здравствена инфраструктура“, рече Тодоров.
Тој потенцираше дека Министерството за здравство во изминатите четири години работи и на зајакнување и зголемување на медицинскиот персонал во Клиничката болница во Штип.
Во изминатите четири години вработени се 140 лекари, медицински сестри и болничари, а доделени се и 30 специјализации на лекарите кои веќе специјализираат во одредени гранки од медицината во земјава и во странство.
Директорот на Клиничка болница во Штип, Александар Стојанов изјави дека аналогниот апарат извесен период не бил во функција, па затоа од страна на Министерството за здравство веднаш е набавен нов дигитален мамограф.
Истакна дека со новиот дигитален мамограф може да се прават во текот на една недела 50 прегледи, а во текот на еден месец вкупно 200 прегледи, односно 200 пациенти од источниот регион да ги искористат услугите на мамографот.