Заменикот министер за здравство Јовица Андовски, денес одржа работна средба со Фредерик Денекер и Илзе Јекабсон од (EMCDDA) на која беше истакната долгогодишната успешна соработка со Владата на Република Македонија и Министерството за здравство од 2007 година, преку CARDS и IPA проектите поддржани од Европската комисија. За таа цел е оформен и Национален центар (опсерваторија) за следење на состојбата со дрога од 2007 год.
Заменик министерот Андовски посочи дека во сите извештаи на ЕК за прогресот на Република Македонија, за поглавјето 24, дел дрога, кое е клучно поглавје во процесите на интеграција на земјата кон ЕУ, Република Македонија со години наназад има позитивна оцена и нема забелешки.
На средбата, заеднички беа утврдени двата клучни приоритета за периодот кој следува: спроведување комплексно истражување, прво од ваков вид во земјата – GPS–глобално истражување кај општата популација за употребата на дрога, кое ќе биде финансиски поддржано од Европската комисија, како и воспоставување систем за рано предупредување за нови дроги.
За таа цел во текот на следните денови, Министерството за здравство организира средби со голем број на институции, стручни лица и невладиниот сектор, како што се: Институтот за јавно здравје на Република Македонија, МВР, Царинската Управа, GFATM, Медицинскиот факултет, Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, Институтот за епидемиологија и медицинска статистика, НВО ХОПС, Клиника за токсикологија и Центрите за третман на зависност од дрога.