Заменик министерот за здравство, Јовица Андовски, престојува во работна посета во Тамбов, Руска Федерација. Во рамки на посетата потпишан е Меморандум за разбирање меѓу Министерството за здравство на Република Македонија и Федералната државна автономна институција “Комплекс за меѓусекторски истражувања и технологија” (КМИТ) – Микрохирургија на око-Тамбовска филијала, именувана по академикот С.Н. Фјодоров, при Министерство за здравство на Руската Федерација.
Целта е воспоставување соработка за континуирана едукација и обука во областа на офталмологијата, која опфаќа: краткотрајни и долготрајни обуки на здравствени работници од Република Македонија во КМИТ, Тамбовска филијала – Микрохирургија на око, како и обука од страна на медицински експерти од Микрохирургија на око во соодветните медицински установи во Република Македонија.
“Комплексот за меѓусекторски истражувања и технологија” – Микрохирургија на око, при Министерство за здравство на Руската Федерација е еден од најзначајните клинички и истражувачки центри по офталмологија во Руската Федерација. Овој центар е формиран во Москва во 1988 година од познатиот руски очен хирург Свјатослав Фјодоров, додека во рамки на Руската Федерација постојат 10 филијали за микрохирургија на око.
Во текот на досегашната работа во Тамбов филијалата за микрохирургија на око се извршени над 650.000 консултации, повеќе од 270.000 операции со користење на најнапредни домашни и странски технологии во дијагнозата, хируршка, ласерска, медицинска и физикална терапија. Во оваа филијала годишно се вршат околу 17.000 операции и 60 до 70 илјади амбулантски консултации. Специјалистичките услуги кои се вршат во болницата опфаќаат: хируршки и ласерски третман на катаракта, глауком, кратковидост, далековидост, болести на корнеата, ретината, солзниот систем, околопластика, конзерватвен третман на очни болести, лекување на патологијата на видот кај децата и др.
Заменик министерот за здравство, во текот на посетата на Руската Федерација оствари средби и со гувернерот и сенаторот на градот Тамбов, како и со проф. Татјана Генадевна, прoректор за меѓународни односи на Државниот тамбовски универзитет, на која беа разгледани можностите за обуки и специјализации на македонски студенти во рамки на Медицинскиот факултет во Тамбов.