Општата болница во Гевгелија ќе добие нов мамограф, амбулантата во село Николиќ ќе добие матичен лекар, а амбулантата во Стар Дојран ќе обезбедува 24-часовна здравствена заштита во текот на цела година, изјави министерот за здравство Никола Тодоров по денешната работна посета на Гевгелија, Стар Дојран и Николиќ.
– Со директорот на Гевгелиската болница договоривме заеднички да набавиме нов мамограф и тоа ќе го сториме наскоро, а со градоначалникот Иван Франгов договоривме заедничко уредување и опремување на помошна оперативна сала во Општата болница во Гевгелија, истакна Тодоров.
На работната средба во Гевгелија, министерот Тодоров од началниците на болничките одделенија беше запознат со сите материјални и персонални потреби кои ќе почнат да се решаваат по приоритет.
За потребите на гинеколошкото одделение беше договорено до наредниот септември, кога ќе се врати лекарот од специјализација, во Гевгелија да ротираат четири гинеколози од Скопје.
Во селото Николиќ, министерот за здравство ја посети селската амбуланта во чиј што двор се сретна со насобраните жители кои бараат во селото да имаат матичен лекар.
Министерот Тодоров им рече дека уште денеска ќе се распише оглас и дека што е можно поскоро амбулантата во Николиќ, која е комплетно опремена, ќе го добие и матичниот лекар. Исто така, нагласи дека Николиќ е едно од избраните места во проектот „Подвижна аптека“ и дека од 1 октомври во селото ќе почне да патролира подвижната аптека.
Тодоров ја посети и амбулантата во Стар Дојран која во рамки на Здравствениот дом од Гевгелија работеше нон стоп само во летниот период за време на туристичката сезона.
– Во амбулантата во Стар Дојран примени се на работа пет лекари и од денеска таа на жителите од Дојран и населените места во општината ќе обезбедува 24-часовна здравствена заштита во текот на целата година по принципот на брза помош со дежурства на лекарите и медицинскиот персонал, додаде Тодоров