Министерот за здравство Никола Тодоров денеска присуствуваше на доделувањето решенијата за трансформација на работниот однос на 53 волонтери во Клиничка болница Штип, при што посочи дека станува збор за една од позначајните мерки кои Владата ги донесе, а позитивно се рефлектираше за волонтерите во здравството, кои, како што рече, се носечка сила во овој сектор.
– На ниво на цела Македонија имаше над 1.900 волонтери, коишто работеа во здравствените установи повеќе години, некои пет, некои седум, 10, 15, а во Штип гледаме дека има и волонтер кој работел 19 години, истакна Тодоров.
Директорката на Клиничката болница-Штип, Елизабета Папарова посочи дека денеска ги добија решенијата оние волонтери кои имаат непрекинато работа, односно договор од 1 септември 2014 година.
Еден од вработените со трансформиран работен однос е д-р Марјан Михаилов, кој изјави дека речиси три години работи како лекар-волонтер на одделот за анестезија и реанимација – Исклучително сум среќен што денеска и официјално ќе бидам дел од овој тим со моите колеги лекари, посочи д-р Михаилов.
Драги Димитриев, кој 19 години бил волонтер во болницата е задоволен што конечно го добил решението за трансформација на работниот однос, досега работел како болничар на неколку одделенија, а сега е болничар во Физикална терапија во бањата Кежовица.