Министерот за здравство на Република Македонија, Никола Тодоров, попладнево во Европската комисија оствари средба со комесарот за здравство, Витенис Андриукаитис, на која главна тема беа македонските реформи во здравството, што придонесоа за историски напредок на нашата земја на Индексот на европскиот здравствен потрошувачки индекс за 2014 година, каде од 28-то место во 2013 година, годинава е на високото 16-то место во Европа.
- Денеска имав задоволство да се сретнам со еврокомесарот за здравство Андриукаитис, со кого разговаравме за состојбите во здравството во Република Македонија, но и во здравството во Европската унија и во земјите-членки на ЕУ. Разговаравме кои се предизвиците со кои се соочуваме и кои се мерките што ги преземавме и ги преземаме, како и проектите што ги превзема Македонија на ова поле, истакна министерот Тодоров по средбата.
Првиот човек на македонското здравство го информирал еврокомесарот за активностите што ги прави македонската Влада во поглед на инвестициите во инфраструктурата, набавката на новата опрема, едукацијата на македонските лекари во најдобрите болници во Европската унија и во САД, системот за менаџмент и управување со здравствените установи, проектите и политиката во поглед на намалување на цените на лековите, заштедите и постојаното инвестирање во здравството, односно недозволувањето и во време на криза да се намали вкупниот буџет за здравство во Република Македонија.
- Разговаравме и за предизвиците што се во моментов во здравствените системи во Унијата, афектирани од последната економска и финансиска криза што ја зафати и ЕУ и како здравствените национални системи реагираат на тоа, оти е познато дека во Европа, т.е. во ЕУ нема заедничка здравствена политика, туку секоја земја-членка има сопствена здравствена политика. Тоа, и по излагањето нa еврокомесарот е предност на Унијата, бидејќи може сите да ги преземаат најдобрите пракси и да учат од некои грешки или лоши политики што се превземени во една или во друга земја, посочи Тодоров.
Од канцеларијата на еврокомесарот за здравство информираат дека Андриукаитис со заодовлство потенцирал на средбата дека пристапните преговори со Македонија во областа на здравството „напредуваат одлично”.
- Министерот го информираше комесарот за здравствените реформи што се во тек во неговата земја, вклучително инвестициите во опрема, инфраструктура, обука на здравствените професионалци, промоција и превенција, посебно во однос на алкохолот и за други бројни мерки. Потенциран е и здравствениот информациски систем и индикаторите за системот на здравствени перформанси. Комесарот ја изрази својата волја да го поддржи македонскиот министер за здравство во овие реформи, гласи соопштението од Еврокомисијата за оваа средба.
Со оваа средба на највисоко ниво во Европската комисија, министерот Никола Тодоров ја заврши еднодневната работна посета на Брисел