Руралните доктори за 9 месеци прегледале 73 820 пациенти. Нерегулиран висок крвен притисок и покачено ниво на шеќер во крвта се најчестите дијагнози кои биле детектирани кај жителите од руралните места, а бидејќи немале соодветен пристап до здравствена заштита, претходно не биле свесни за нивната состојба. Добиле стручен совет како и насоки за натамошни лекарски испитувања и бидејќи ги постигнале очекувањата, руралните доктори во иднина со плус здравствени услуги за пациентите.
- Овие тимови во било кој пункт, односно во кое било населено место, може да земат крв за лабораториска анализа, а резултатите од анализата се испраќаат на пациентот по електронска пошта или пациентот ги зема резултатите на наредниот термин. Со цел унапредување на здравствената заштита на жителите од руралните средини, набавени се 50 ЕКГ-апарати за потребите на проектот Рурален доктор, со што ќе го прошириме опсегот на здравствени услуги кои ги обезбедуваат руралните доктори, изјави на прес-конференција министерот за здравство, Никола Тодоров.
Најмногу прегледи биле направени во скопскиот регион -7316, а следни се кумановскиот и тетовскиот. Според податоците од МојТермин, руралните доктори пропишале над 25 илјади рецепти, а дури 6000 биле за лекот еналаприл за висок крвен притисок.
Во оваа насока, веќе од следната недела почнуваме со отворање рурални аптеки (аптеки во населени места до 3.500 жители), додека во населени места до 1.000 жители, жителите ќе може да ја подигнат потребната терапија од подвижна аптека, изјави Тодоров.
Медицинските тимови од проектот Рурален доктор обезбедуваат здравствена заштита за 359.283 жители во 309 отворени пунктови како и 538 населени места каде граѓаните ги посетуваат патронажни служби. оваа година биле вработени 27 лекари и 24 медицински сестри, а отворена е и можноста за нови вработувања наредната година.