Од следната година двојно ќе се зголеми бројката на медицински лица кои ќе посетуваат обука во некој од врвните медицински центри. Медицинскиот персонал ќе учи од најдобрите и најсовремени центри.
Идната година околу 1.000 лекари и друг медицински персонал ќе посетуваат обука во најреномирани светски болници. Само во јануари на едукација ќе заминат 100 лица, а ќе се прошири и мрежата на медицински центри со кои министерството за здравство има склучено соработка за напредни обуки во пет области: операција на колено, дигестивна хирургија, офтамологија, неонатологија и ендокринохирургија- за овие интервенции по тројца доктори ќе се испраќаат во најпознатите центри во Европа.
„По враќањето тие треба да дојдат во Македонија заедно со својот ментор да ја воведат новата метода овде и да едуцираат уште најмалку уште двајца во текот на годината потоа. Во текот на втората година менторот треба повторно да дојде во Македонија и да изврши евалуација на квалитетот на едукацијата што ја направиле докторите кои претходно биле обучени во странство“, нагласи министерот Тодоров на вчерашната отворена владина седница.
Ова е значаен чекор за македонското здравство, бидејќи за грижата на пациентите не е доволно само нова опрема, туку и квалитетен медицински персонал.
Годинава на обука беа испратени 514 лекари и медицински персонал во врвни европски центри и во САД,од кои 29 се едуцираа во најдобриот медицинскиот центар Роналд Реган во САД.