Министерството за здравство почнува со реализацијата на пилот-проект за промоција на физичка активност и развивање спортски вештини по пливање кај деца со Даунов синдром. Проектот е дел од Програмата за јавно здравје на Министерството за здравство за 2015 година. Активностите се реализираат преку Заводот за физикална медицина и рехабилитација-Скопје, каде ќе се одржуваат бесплатни часови по пливање за овие деца.
Целта на овој проект е подобрување на психофизичка состојба на децата со Даунов синдром, како и унапредување на нивниот севкупен развоен потенцијал. Светските искуства, посочи министерот, покажуваат дека стимулацијата и редовната физичка активност е најдобар третман за деца со Даунов синдром, истакна на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.
Нагласи дека часовите по обука за пливање ќе се одржуваат четири пати неделно по еден час почнувајќи од 17 часот, а едукацијата ќе ја спроведуваат врвни спортски тренери и асистенти со завршен Факултет по физичка култура, под водство на проф. д-р Наташа Мешковска, во соработка со Центарот за Даунов синдром.
– Децата кои ќе ги посетуваат часовите за обука за пливање пред нивното почнување ќе треба да направат соодветен здравствен преглед. Физичката активност, игрите и рекреацијата се методи кои на децата им помагаат да го развијат тонусот на мускулатурата и да ја развијат моториката. Воедно, со активноста како што е пливањето се поттикнува и тимска работа, се развива дисциплината и се зголемува социјализацијата на децата.
Појасни дека пливањето како активност за децата со Даунов синдром е веќе докажана практика во многу земји и за таа цел постои и Меѓународна пливачка организација за лицата со Даунов синдром, која овозможува тие да се натпреваруваат во пливање во различни категории на меѓународно ниво.
Дауновиот синдром, потенцира министерот, не е болест, туку хромозомска состојба која е предизвикана од присуство на еден хромозом повеќе.
- Светската статистика покажува дека на секои 600-1.000 породувања, се раѓа дете со Даунов синдром, а во овие граници се движат случаите и во Македонија.Според статистиката на Институтот за јавно здравје, во Македонија годишно се регистрираат околу 12-17 случаи на деца со Даунов синдром до едногодишна возраст кои се испитани и потврдени на Клиниката за детски болести. Според податоци на Заводот за ментално здравје, во периодот од 1987 до 2014 година регистрирани се 305 лица со Даунов синдром до 18-годишна возраст, рече Тодоров.
Во завршна фаза, посочи, се подготвителните активности за овој проект, а во изминатите неколку месеци комплетно е обновен базенот во Заводот за физикална медицина и рехабилитација.
Активностите ќе почнат од следниот месец, односно од почетокот на 2015 година, заинтересираните родители може да се обратат до Секторот за превентивна здравствена заштита, при Министерството за здравство, одговорно лице: прим. д-р Сузана Маневска, контакт телефон: 02 3 211-176.