Заменик министерот за здравство, Јовица Андовски во Велес присуствуваше на првата, од предвидени четири работилници, за унапредување на квалитетот на услуги во областа на акушерството и неонатологијата, што се реализира во партнерство со Фондот за население на Обединетите Нации (УНФПА) и Комитетот за безбедно мајчинство. Со работилниците ќе се опфати целата територија на државата и сите породолишта, како болнички, така и вонболнички, при што во Велес ќе се одржат две работилници и по една во Скопје и во Тетово.
Посебно значајно е што на работилниците учествуваат клучните чинители – медицинскиот кадар од породилиштата, како што се гинеколози, неонатолози и педијатри од породилиштата во државата, кои во изминатиот период изготвија препораки и ги дефинираа главни приоритети и конкретни чекори што секое родилиште би ги презело за подобрување на квалитетот на ургентна акушерска и новороденечка грижа и сето ова ќе се реализираат во соработка со Министерството за здравство.
За таа цел беше изготвена проценка од докажани национални експерти во областа на акушерството и неонатологијата, како што се д-р Елизабета Зисовска и д-р Глигор Тофоски, а првиот дел на проценката го предводеше врвен меѓународен експерт, според стандарди на Светската здравствена организација, согласно утврдени индикатори на Обединетите Нации.